www.fgks.org   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Ангина пекторис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 19:00, 1 август 2012; направена од Brainmachine (разговор | придонеси) (+инфокутија, наводи и вики-врски во воведот, поврзано, внимание)
Ангина пекторис
СпецијалностКардиологија Уреди на Википодатоците

Ангина пекторис или само ангина, е градна болка предизвикана од исхемија (недостаток на крв, а со тоа недоволен доток на кислород и недоволно исфрлање на штетни материи) на срцевиот мускул, најчесто заради затнување или спазам на коронарните артерии (срцевите крвни садови).[1] Главниот причинител на ангината, коронарната артериска болест, се должи на атеросклероза на срцевите артерии. Терминот потекнува од латинскиот збор angina (инфекција на грлото), чие потекло е од грчкиот γχόνη, ankhonē (гушење), и од латинскиот збор pectus (гради). Според ова, може да се преведе како „чувство на стегање во градите“.

Постои мала поврзаност помеѓу интензитетот на болката и степенот на недостаток на кислород во срцевиот мускул (т.е. може да има остра болка со мал или без ризик од срцев удар, а срцев удар може да настане и без болка).

Симптоми на нестабилна ангина претставуваат напади кои сè повеќе се влошуваат, ненадејни напади при мирување и напади кои траат повеќе од 15 минути (обично се проследени со слични симптоми како кај акутен коронарен синдром). Ваквиот напад може да доведе до миокардичен инфаркт (срцев напад) затоа се третира како таков и бара итна медицинска интервенција.


Поделба

Стабилна ангина

Стабилната ангина, исто така позната и како ангина при напор, е поврзана со миокардичната исхемија. Типични симптоми на стабилна ангина се непријатно чувство во градите и слични симптоми предизвикани од некаква активност (трчање, пешачење итн.) и со мали или без никакви симптоми при мирување. Симптомите обично се намалуваат по престанокот со активностите и престануваат кога ќе се продолжи со активноста. На овој начин, може да се смета дека стабилната ангина е слична на симптомите на клаудикација.

Нестабилна ангина

Нестабилна ангина (НА) (или „влошувачка ангина“ која е вид на акутен коронарен синдром) се дефинира како ангина пекторис која е променлива или се влошува. Опфаќа најмалку една од овие карактеристики:

  1. настанува при мирување (или при минимален напор), обично трае повеќе од 10 минути;
  2. сериозна ангина проследена со нов напад (т.е. за време на претходните 4-6 недели); и/или
  3. ангина проследена со напади кои се влошуваат (т.е. посериозна е, почеста и трае подолго од обично)

НА може неочекувано да настане при мирување што може да биде сериозен показател за претстоен срцев напад. Она по што стабилната ангина се разликува од нестабилната (освен по симптомите) е патофизиологијата на атеросклерозата. Патофизиологијата на нестабилната ангина е намалувањето на коронарниот проток како резултат на променлива агрегација на тромбоцитите при навидум нормален ендотел, коронарни артериски спазми или коронарна тромбоза. Процесот започнува со атеросклероза и кога ќе дојде до воспаление, настанува активна плака која се подвргнува на тромбоза и резултира во акутна исхемија која, откако ќе навлезе калциум, на крај доведува до некроза на клетките. Истражувањата покажуваат дека 64% од сите случаи на нестабилна ангина настануваат помеѓу 22:00 и 08:00 часот кога пациентите мируваат.

Кај стабилната ангина, атеромот кој се развива е прекриен со влакнеста капсула. Кај нестабилната ангина, оваа капсула (атеросклерозната плака) може да пукне при што засирената крв уште повеќе ќе го намали луменот на коронарниот сад. Ова објаснува зошто нестабилната ангина може да настане и без физичка активност.

Микроваскуларна ангина

Микроваскуларната ангина или ангина синдром икс (syndrome X) се карактеризира со болка во градите како кај ангината, но истата е предизвикана од други причини. Причинителот на микроваскуларната ангина е непознат, но се претпоставува дека ваквата ангина настанува поради слабото функционирање на малите крвни садови во срцето, рацете и нозете. Микроваскуларната ангина потешко може да се препознае и дијагностицира бидејќи не се карактеризира со блокада на артериите, но сепак прогнозата е одлична.


Знаци и симптоми

Пациентите со ангина повеќе се жалат на непријатност во градите отколку на вистинска болка: непријатноста обично ја објаснуваат како притисок, тешкотија, напнатост, стегање, чувство на печење или на давење. Покрај непријатноста во градите, ангината може да предизвика болки и кај епигастриумот (горниот дело од абдоменот), грбот, вратот, вилицата или рамениците. Ова се објаснува со концептот на симптоматична болка и се должи на ’рбетниот дел кој, без да ги разликува, истовремено прима висцерални реакции од срцето и кожни реакции од делови од кожата утврдени од дерматомот на тој ’рбетен нерв. Симптоматичната болка обично се појавува кај рацете (често кај внатрешниот дел на левата рака), рамениците и вратот поточно кај вилицата. Ангината обично настанува при напор или емоционален стрес. Може да се влоши при ниски температури или ако лицето е прејадено. Болката може да е проследена со недостаток на воздух, потење и, во некои случаи, со мачнина при што пулсот се забрзува, а крвниот притисок се покачува. Доколку болката во градите трае само неколку секунди, најверојатно не станува збор за ангина.

Миокардичната исхемија настанува кога миокардот (срцевиот мускул) не прима доволно крв и кислород за да функционира нормално. Ова може да се случи поради тоа што миокардот бара повеќе кислород или не е доволно снабден со истиот. Несоодветната перфузија на крвта и намаленото снабдување со кислород и хранливи продукти се директно поврзани со блокираните или стеснетите крвни садови. Кај некои лица се појавуваат „автономни симптоми“ (поврзани со зголемената активност на автономниот нервен систем) како што се гадење, повраќање и бледило.

Најголемите ризични фактори за настанувањето на ангината се пушење цигари, дијабетес, висок холестерол, висок крвен притисок, недоволна физичка активност и семејна историја на предвремена срцева болест. Еден вид на ангина (Принзметалова ангина) настанува кај пациенти со нормални коронарни артерии или мал степен на атеросклероза. Почеста е кај помладите жени и се смета дека ја предизвикуваат спазми на артеријата.


Причинители

Главни ризични фактори

  • Возраст (кај мажи над 55 години, кај жени над 65 години)
  • Пушење цигари
  • Дијабетес мелитус (ДМ)
  • Дислипидемија
  • Семејна историја на предвремена срцева болест (кај мажи под 55 години, кај жени под 65 години)
  • Хипертензија
  • Болест на бубрезите (микроалбуминурија или брзина на гломеруларна филтрација помала од 60mL/min)
  • Дебелина (индекс на телесна маса поголем од 30kg/m2)
  • Физичка неактивност

Состојби кои ја влошуваат или причинуваат ангината

  • Лекови
  • Вазодилатори
  • Пречесто менување на тироидна терапија
  • Вазоконстриктори
  • Полицитемија која предизвикува згуснување на крвта поради што тече побавно низ срцевиот мускул

Едно истражување покажало дека пушачите со болест на срцевите артерии имале позголемена активност на симпатичниот нерв отколку оние кои немаат таква болест. Ова дополнително го зголемува крвниот притисок, пулсот и периферната васкуларна отпорност поврзани со никотинот што може да доведе до повторливи напади на ангина. Покрај тоа, ЦКБ (Центар за контрола на болести) известува дека ризикот од КСБ (Коронарна срцева болест), удар и ПВБ (Периферна васкуларна болест) се намалува за една до две години по престанувањето со пушење. Друго истражување покажало дека, по година дена од првиот напад, кај мажите пушачи под 60 години ангината се намалила за 40%, но кај оние што престанале да пушат. Истражувањата откриле престанувањето со пушење носи и краткотрајни и долготрајни придобивки.

Други медицински проблеми

  • Тешка анемија
  • Неконтролирана хипертензија
  • Хипертироидизам
  • Хипоксемија

Други срцеви проблеми

  • Тахиаритмија
  • Брадиаритмија
  • Валвуларна срцева болест
  • Хипертрофска кардиомиопатија

Миокардичната исхемија може да настане од:

  1. намален крвен проток до срцето кој може да биде резултат на стеноза, спазам или акутно затнување на срцевите сртерии (предизвикано од емболија).
  2. отпорност на крвните садови. Ова може да биде предизвикано од стеснување на крвните садови односно намалување на пречникот. Крвниот проток е обратнопропорционален на пречникот на артеријата.
  3. намалениот капацитет на крвта за носење на кислород поради неколку фактори како што се намалување на притисокот на кислород и концентрацијата на хемоглобин. Ова ја намалува способноста на хемоглобинот да го носи кислородот до миокардичното ткиво.

Атеросклерозата е најчеста причина за стеноза (ги стеснува крвните садови) на срцевите артерии, а со тоа и за ангина пекторис. Некои пациенти со болка во градите имаат нормално или минимално стеснување на срцевите артерии и кај нив поголеми се шансите болката да е предизвикана од вазоспазам, понекогаш во контекст на Принзметалова ангина и синдром икс.

Миокардичната исхемија исто така може да биде резултат на фактори кои влијаат врз составот на крвта како што се намалената капацитет на крвта за носење кислород која што може да се забележи кај тешката анемија (мал број на црвени крвни зрнца) или долготрајното пушење цигари.

Патофизиологија

Ангината настанува таму каде што не е изедначена потребата и доставувањето на кислород. Оваа нерамнотежа може да доведе до зголемување на потребата за кислород (на пример при вежбање) без соодветно зголемување на доставувањето (на пример при затнување или атеросклероза на коронарните артерии).

Дијагноза

Ангината е можна кај луѓе со стегање, тапа болка или тешкотија во градите која е:

  1. Ретростернална или се појавува на левата страна, ширејќи се кон левата рака, вратот, вилицата или грбот.
  2. Настанува поради напор или емоционален стрес и исчезнува по неколку минути одмор.
  3. Се јавува по јадење или при ниски температури.

Некои пациенти со атипични симптоми, вклучувајќи го и немањето здив, мачнината, непријатноста во епигастриумот или ждригањето. Овие атипични симптоми најчесто се појавуваат кај постари луѓе, жени и кај болните од дијабетес.

Болката предизвикана од ангина обично не е ни силна, ни остра, ниту пак и влијае дишењето. Алкалините и обичната аналгезија обично не ја намалуваат болката. Ако непријатноста (на кое било место) во градите е предизвикана од напор, а се намалила со мирување и со глицерил тринитрат, тогаш веројатноста за ангина се зголемува.

Кај пациентите со ангина кои во одреден момент не чувствуваат болка во градите, електрокардиограмот (ЕКГ) е нормален, освен ако во минатото немале други срцеви проблеми. За време на траењето на болката, може да се забележи опаѓање или покачување на СТ-сегментот. За да се добијат овие промени, може да се изврши ЕКГ тест со вежбање (тест со лента за трчање) за време на кој пациентот вежба додека не се измори, не остане без здив или, најважно, додека не почне да чувствува болка. Доколку настанат вообичаените промени во ЕКГ (најчесто повеќе од 1 мм рамно или намалено опаѓање на СТ-сегментот), се смета дека се работи за ангина. Дури и постојаното следење на крвниот притисок и пулсот може да не доведе до некој заклучок што се однесува на ангината. Тестот со вежбање е корисен и при барање на други маркери за миокардична исхемија: резултатот од крвниот притисок (недоволен резултат, особено ако има низок систолен притисок), дисритмија и хронотропски резултат. Други алтернативи на стандардиот тест со вежбање се талиум сцинтиграм (кај пациенти кои не можат доволно да вежбаат за тестот со вежбање, на пример поради астма или артритис или кај кои ЕКГ-то при мирување е премногу абнормално) или стрес екокардиографија.

Кај пациентите кај кои може да се донесе дијагноза со вакво неагресивно тестирање, коронарниот ангиограм обично се изведува за да се открие зошто настанала коронарната рана и дали лицето ќе биде кандидат за ангиопластика, вградување на бајпас на коронарната артерија, лечење само со лекови или на друг начин. Едно истражување покажало дека зачестеноста се постигнува кога се покачува крвниот притисок и се забрзува пулсот. Зачестеноста нормално варира но опсегот е од 45 до 50 kHz за срцев напад или срцева инсуфициенца. Пациенти кои директно можат да подлежат на ангиографија се оние кои се хоспитализирани со нестабилна ангина (или поновиот термин „високоризични акутени коронарни синдроми“), со исхемични промени на ЕКГ-то при мирување или со покачени срцеви ензими како што е тропонинот.

Лечење

Ангината најчесто се лекува со нитроглицерин. Тој е моќен вазодилатор кој овозможува поголем проток на кислорд до срцевиот мускул. Бета-блокаторите и блокаторите на калциумови канали ја намалуваат работата на срцето,а со тоа и побарувачката за кислород. Нитроглицеринот не треба да се дава ако во претходните 12 часа пациентот пиел одредени инхибитори како што се вијагра, цијалис или левитра бидејќи ваквата комбинација може да предизвика голем пад на крвниот притисок. Лекувањето подразбира балонска ангиопластика при која балонот се вметнува на крајот на катетерот и се надувува за да го прошири луменот на артеријата. Во исто време, често се користат и стентови за да ја држат артеријата проширена. Операцијата на коронарен бајпас подразбира заобиколување на затнатите артерии со венски графтови. Овој начин е многу поагресивен отколку ангиопластиката.

Главните цели при лечењето на ангината се да се отстранат симптомите, да се успори болеста и да се намалат идните напади, особено срцевите напади и, секако, да се спречи смртта. Бета-блокаторите (на пример карведилол, пропранолол, атенолол) имаат голем број докази против болести и смртноста (помалку симптоми, помала онеспособеност и подолг живот), а краткотрајниот нитроглицерин се користи уште од 1879 година за симптоматично намалување на ангината. Блокаторите на калциумови канали (како што се нифедипин (адалат) и амлодипин), изосорбид мононитрат и никорандил се вазодилатори кои овично се користат кај хроничната стабилна ангина. Неодамна стана достапен нов вид на лекување со LF-инхибитори, ивабрадинот го успорува пулсот при што делува антиисхемично и антиангинално. АКЕ инхибиторите се исто така вазодилатори со симтоматични и прогностички предности. Статините се најчесто користени модификатори на липидот/холестеролот кои најверојатно исто така ја стабилизираат постоечката атероматозна плака. Мала доза на аспирин го намалува ризикот од срцев удар кај пациентите со хронична стабилна ангина. Тој претходно бил дел од стандардната терапија. Сепак, оттогаш било откриено дека зголемувањето на хеморагичните удари и гастроинтестиналните крварења ја надоместуваат оваа придобивка така што повеќе не се препорачува освен ако има преголем ризик за миокардичен инфаркт.

Добар долгорочен лек за ангината е вежбањето (но само одредени режими – нежно и постојано вежбање отколку напорни кратки вежби) кое најверојатно помага преку подобрување на крвниот притисок и колатерализација на коронарната артерија. Кај пациентите со ангина, приоритет е откривањето и отстранувањето на ризичните фактори за понатаму да не се развие коронарна срцева болест. Ова подразбира тестирање за покачен холестерол и други масти во крвта, дијабетес и хипертензија (висок крвен притисок), оставање на цигарите и одржување на оптимална тежина.

Блокаторот на калциумови канали, нифедипин, го продолжува животот на пациентите со коронарна артериска болест без да треба да се изврши процедура. Во споредба со плацебото, новите случаи на срцева инсуфициенца биле намалени за 29%. Сепак, разликата во стапката на смртност кај двете групи била статистички незначајна.

Можна ангина

За луѓето кои ги имаат следниве симптоми, бидејќи можат да имаат нестабилна ангина, потребно е хоспитализирање: болка при мирување (која може да настане и во текот на ноќта), пти минимален напор, ангина која брзо напредува и покрај зголемената медицинска терапија. Сите лица со можна ангина да се упатат во служба за проценка на градна болка за да се потврди дијагнозата и да се процени сериозноста на коронарната срцева болест.

Епидемиологија

Се смета дека околу 6.3 милиони Американци ја искусиле ангината. Ангината претставува симптом за коронарна артериска болест повеќе кај жените отколку кај мажите. Шансите за ангина се зголемуваат со возраста, а најчесто се појавува на 62,3 години. Пет години откако се појавила, 4.8% од лицата починале од коронарна срцева болест. Мажите со ангина имале зголемен ризик за смрт како резултат на акутен миокардичен и коронарна срцева болест кои ги предизвикала ангината. Слични статистики важат и за Западниот свет. Сите видови на коронарна срцева болест не се толку вообичаени за третиот свет бидејќи ризичните фактори се повообичаени за Западот и земјите во кои е усвоена западната култура. Затоа, може да се објасни како болест која се шири. Како што е објасенто на веб-локацијата The China Study, прифаќањето на богатиот начин на исхрана од Западот и, како последица на тоа, почестото пушење, дебелината и други ризични фактори веќе довеле до зголемен број на случаи со ангина и други болести поврзани со неа во земји како што е Кина.

Ангината неодамна беше поврзана со изложеноста на возрасните Американци на Бисфенол-А.

Историја

Концептот на Hritshoola, што буквално значи срцева болка, бил познат на Shushruta (во 6-тиот век п.н.е.). За состојбата опишана од Shushruta, Dwivedi & Dwivedi (2007 година) забележал дека: „Ги опфаќа сите основни компоненти на денешната дефиниција т.е. местото на кое се појавува, причината, факторите кои ја влошуваат и олеснуваат болката и каде треба да се упати лицето. Според него, ангината е болка во градите во областа пред срцето, моментална е, настанува при напор, чувствителна, со чувство на печење и која се намалува при мирување. Тој исто така ја поврзал ваквата болка со дебелината (medoroga)“.

Поврзано

Наводи

  1. „MerckMedicus : Dorland's Medical Dictionary“. Посетено на 2009-01-09.